Шкендија направи „дар-мар“ и славеше против Вардар (2-3) во дербито

Шкендија го совлада Вардар во Скопје, на арената „Филип Втори“ со 2-3, демонстрираше класа и потврди дека сосема заслужено ќе биде нов шампион на Македонија. „Вардарци“ беа предводени од Бобан Бабунски, кој го наследи Чедомир Јаневски на кормилото, но евидентно е дека се уште актуелниот првак лута со стратегијата и во моментот е далеку квалитативно во однос на ривалот од Тетово. Шкендија сега има 23 бода предност во однос на Вардар на осум кола до крајот на првенството.

Шкендија дојде прва во предност во шестата минута, со голот на Бесарт Ибраими. Тетовци креираа убава акција, а Ибраими со полуволеј ја зафати топката од 15 метри, и го совлада Алексовски. По ова, Емини имаше фантастична можност за 0-2, но реагираше почетнички, а потоа се закани и Жуниор, но не беше прецизен.

Блажевски со шут од далечина сакаше да го изненади Реџепи, но тој одбрани и исфрли во корнер. Вардар израмни во 43.минута. Блажевски нафрли, младиот Бојан Колевски шутираше со глава, Реџепи одбрани на гол-линијата, но Колевски од втор обид стигна до погодок.

На самиот старт од вториот дел, пенал за Вардар. Хамбарџумјан нафрли, Мурати играше со рака, а Дејан Блажевски го реализираше за водство на Вардар од 2-1.
Сепак, Шкендија одговори експресно. Бесарт Ибраими во 52.минута со одлично изведен слободен удар од 25 метри го совлада Алексовски за ново израмнување, а поранешниот „вардарец“, Висар Муслиу, во 59.минута повторно направи комплетен пресврт.

До крајот, Вардар немаше сили за да стигне до реми, а Шкендија и во Скопје покажа дека е многу посилен тим во моментов од актуелниот шампион и сосема заслужено ќе го преземе шампионскиот пехар.

Се вчитува...