Шкендија не се откажува од сензација, иако е пред „невозможна мисија“!

Македонскиот шампион Шкендија од 20:15 часот на арената „Филип Втори“ во Скопје ја очекува реванш пресметката од 3. коло во квалификациите за Лигата на шампионите против австриски Салцбург.

По оние први 3-0 за Салцбург од Австрија сосема е јасно дека тетовци имаат речиси невозможна мисија за пласман во следната рунда натпревари, но од таборот на Шкендија категорично најавуваат дека нема да се откажат така лесно од желбата за сензација.

„Направивме неколку грешки на минатитот меч и тоа ќе треба да анулираме на реваншот. Го анализиравме претходниот настап. Мислам дека ни недостигаше малку европски шарм. Салцбург е секако европски тим, со завиден квалитет. Минатата сезона играа во полуфиналето на Лигата на Европа, но ние исто така имаме свои адути и големи мотиви да се претставиме во добро издание“ -вели репрезентативецот Висар Муслиу.

Шефот на стручниот штаб, Ќатип Османи, пак, очекува неговиот тим да прикаже добра игра која ќе биде поздравена од навивачите…

„Сакаме да покажеме дека оние 3-0 од првиот натпревар не се реални, сакаме да се претставиме во најдобро светло. На тој прв меч примивме голови на наши грешки, а шансите што ги создадовме не ги реализираме, тоа мора да се поправи во Скопје. Наше е да дадеме максимум, да се обидеме да победиме, па потоа ќе се фокусираме на наредните предизвици. За Розенборг моментно не размислуваме, целиот фокус ни е насочен само кон Салцбург“ – вели Османи.

Во таборот на Шкендија поради повреда мечот ќе го пропушти Мевљан Мурати, кој мораше да биде повлечен од игра на дербито со Вардар во саботата.

Се вчитува...