Шкендија нов шампион на Македонија, Победа го „тресна“ Вардар (ФОТО)

Шкендија е нов фудбалски првак на Македонија, откако со денешниот триумф над Шкупи (2-0) во Тетово, на седум кола до крајот на првенството во Првата лига има огромни, веќе недостижни 26 бода предност во однос на Вардар. Шампионската круна од Скопје се сели во Тетово, а Вардар не може да се препознае ниту под раководство на новиот стратег Бобан Бабунски. Повторно доживеа пораз, овојпат со 2-0 од Победа, на стадионот „Младост“ во Струмица.

Силекс цврсти чекори кон Лигата на Европа, со минималната победа над Ренова (1-0) во Кратово, а Академија Пандев ја прекина „црната низа“ и конечно славеше триумф (0-2) против Скопје, на дуелот што се одигра во Кичево. Работнички, во првиот меч од ова коло, го декласира Пелистер на арената „Филип втори“ со 4-0.

Шкендија стигна до шампионскиот трофеј со триумф од 2-0 против Шкупи. Тимот од Чаир издржа едно полувреме, но потоа Марјан Радески во 63.минута и Бесарт Ибраими во 82.минута постигнаа погодоци за заслужена шампионска радост на тетовци.

Вардар загуби и од Победа со 2-0, на стадионот „Младост“ во Струмица. Искусниот Благоја Гешоски во 20.минута донесе предност за прилепскиот тим, а Зоран Даноски во вториот дел стави печат на важниот триумф.

Силекс славеше против Ренова во Кратово со 1-0. Александар Пановски постигна победнички погодок во 42.минута за продолжување на чекорот кон Европа.

Академија Пандев стави крај на постот во Првата лига и стигна до победа (0-2) на гости во Кичево против Скопје. Љупчо Дориев и Зоран Балдовалиев во второто полувреме постигнаа два гола за „пандевци“ на овој дуел.

Работнички беше убедлив против Пелистер и победи со 4-0. Виктор Ангелов во 54.минута ја отвори серијата голови, Кире Маркоски потоа двапати стрелаше во период од две минути, а Чарлс Гофри во 70.минута го постави конечниот епилог на овој дуел.

ПРВА ЛИГА, 29.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКЕНДИЈА – ШКУПИ 2-0

ПОБЕДА – ВАРДАР 2-0

СКОПЈЕ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 0-2

СИЛЕКС – РЕНОВА 1-0

РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР 4-0

Табела: Шкендија 75, Вардар 49, Силекс 45, Работнички 38, Академија Пандев 35, Ренова 34, Шкупи 33 (-1), Победа 29, Пелистер 25 (-1), Скопје 25.

 

 

Се вчитува...