Шкендија по историја: Од Норвешка за почеток на европска есен!

Како никогаш досега во својата историја Шкендија е пред можност за влез во аналите на македонскиот фудбал. По минатата година Вардар, Шкендија е сега пред историска шанса за повторување на успехот на „вардарци“ и влез во групната фаза од Лигата на Европа.

Европската есен за македонскиот шампион веќе може да стартува и со денешниот дуел против Розенборг во Трондхајм, прв натпревар од плеј-оф рундата за влез во групите од ЛЕ. И тоа како значаен дуел за составот на Ќатип Османи кој силно верува дека може да се помине норвешкиот шампион…

„Знаеме дека имаме сили да се избориме за историја за нашиот клуб. Ќе биде повеќе од тежок двомеч со Розенборг но веруваме дека носени од квалитетот и огромната желба можеме до групната фаза од ЛЕ. Важно ќе биде во Трондхајм да се избориме за добар резултат по кој на реваншот со поддршка и од нашите навивачи би дошле до големиот успех“ – вели капитенот на Шкендија, Арменд Алими.

Еднакво е размислувањето и на стратегот Ќатип Османи….

„Секако многу добро сме запознаени со екипата на Розенборг. Знаеме дека цврсто се решени за пласман во ЛЕ, но мислам дека овие 180 минути ќе биде пресметка на две израмнети екипи. Ние во Норвешка секако допатувавме по добар резултат со кој ќе останеме во игра за историски пласман во Лига Европа. Верувам дека патникот понатаму ќе се решава на реванш дуелот во Скопје. Гол во гости нас многу би ни значел за реваншот“ – вели Османи.

Во тимот на Шкендија единствено ќе недостасува Егзон Бејтулаи, поради три жолти картони, како и од поодамна отсутниот Марјан Радески. Натпреварот меѓу Розенборг и Шкендија на стадионот „Ленкаран“ во Трондхајм се игра со почеток од 20:45 часот.

Се вчитува...