Актуелниот македонски првак Шкендија преку соопштениe ја потврди информацијата дека двајца членови на тетовскиот клуб се позитивни на Ковид-19. Тетовци истакнаа дека заболените веднаш се ставени во самоизолација, а во клубот со нетрпение се очекуваат резултатите од вторите тестови врз овие лица.
„Шкендија сака да ја информира јавноста дека на 30 мај беше извршено тестирање за Ковид-19 врз членовите на нашиот клуб, во организација на Синдикатот на фудбалери, во лабораторијата на приватната болница Аџибадем Систина. За жал, денеска бевме информирани дека два члена на нашиот клуб се позитивни на Ковид-19. Во интерес на веродостојност на резултатите, клубот веднаш покрена процедура за извршување на втори тестови врз двајцата позитивни. Почитувајќи ги одлуките на компетентните институции, тие се ставени во самоизолација, а клубот ќе ги повлече наредните потези во координација со Институтот за Јавно Здравје и со Фудбалската Федерација на Македонија. Нема да даваме дополнителни изјави на оваа тема“, се вели во соопштението на ФК Шкендија.
Само за потсетување, покрај Шкендија позитивни тестови на Ковид-19 има и во ФК Ренова, вкупно четири во таборот на „гипсарите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА