Тетовска Шкендија денеска од 20:45 часот гостува на словенечкиот Браво во првиот натпревар од двомечот од 2. квалификациско коло за Конференциската лига на УЕФА.
Позитивна е атмосферата во таборот на тетовци иако се свесни дека ги очекува сериозен предизвик против навистина квалитетен противник кој одлично ја почна сезоната во словенечкиот шампионат.
Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Артим Положани, дели дека тетовските „црвено-црни“ се целосно подготвени за денешниот дуел.
„Не очекува исклучително важен натпревар. Во Европа секое следно коло е потешко од претходното и затоа мораме да бидеме подготвени максимално. Потребен ни е одличен настап и од технички и од тактички аспект. Само со сериозен пристап и максимално залагање можеме да дојдеме до посакуваниот резултат. Ги анализиравме нивните последни натпревари и добро ги познаваме нивните силни страни, но и одредени слабости. Браво е квалитетен тим, физички моќен, тактички дисциплиниран и опасен во транзиција. Затоа ќе мораме да одговориме со одлична организација и вистински пристап ако сакаме позитивен резултат пред реваншот во Скопје. Во денешниот фудбал нема тајни. Сите ги анализираат противниците. Тие можеби имаат мала предност затоа што ние веќе одигравме европски натпревари, но од друга страна токму тие средби ни донесоа дополнително искуство и натпреварувачки ритам. За мене ова е само прво полувреме од двомечот и најважно е да обезбедиме позитивен резултат пред реваншот“, изјави Положани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
