Шкендија против Шелбурн за историја на македонскиот фудбал

Групната фаза од Лигата на Конференции вечерва „дебитира“ во Македонија. Во Скопје на Националната Арена „Тодор Проески“ Шкендија го пречекува Шелбурн, во првиот натпревар од групната фаза во ова европско натпреварување, кое го избори тетовскиот тим благодарение на одличните квалификации летоска.

Химната на Лигата на Конференции ќе одекне на најголемиот стадион, и после осум години еден тим од ПМФЛ игра во групна фаза на едно натпреварување. До сега во групите македонските тимови имаат само еден бод (Вардар против Розенборг), па сега Шкендија ќе има можност да дојде до прва победа во групна фаза на европско натпреварување.

А, Шкендија очекува добра игра, поддршка од трибините и победа вечерва. Тоа го најавија играчите и стручниот штаб на вчерашната прес-конференција.

„Имавме доволно време да се подготвиме. Во Скопје игравме добро и на тие квалификациски мечеви во Европа. Иако сме различни по стил со противникот, посакувам со една добра и паметна игра да дојдеме до победа. Направивме добра анализа на противникот, не можеш на ова ниво да најдеш слабости кај ниту еден ривал. Мора да одиграме квалитетно. Се надеваме на добра игра на поддршка од публиката и да дојдеме до тие три бода“, изјави Беќири и веднаш надополни.

„Јас веќе неколку пати кажав дека кога играш натпревари на ова ниво, можеш многу да научиш. Ние веќе многу научивме со овие европски натпревари. Во првото коло против Рајо Ваљекано се стекнавме со огромно искуство. Знаевме дека шпанскиот фудбал е силен, и дека шпанските екипи се секогаш на врвот, а во живо имавме можност да ја почувствуваме таа сила. Видовме како се игра модерен фудбал, и се надевам дека научивме нешто од тоа и дека ќе ни послужи за идните натпревари“, рече Беќири.

Дефанзивецот Клисман Цаке верува дека тимот може да дојде до победа на вечерашниот меч.

„Секако ова веќе е историски момент за Шкендија и со нетрпение го чекаме. Очекувам поддршка од трибините, а ние покажавме дека сезонава во Европа играме добро, бележиме добри резултати и утре одиме по трите бода“ – рече Цаке на денешната прес-конференција, притоа дополнувајќи:

„Мотив плус за мене е што бев повикан и во репрезентацијата на Албанија, а тоа го заслужив со добрите игри во Шкендија и тоа дополнителен мотив да продолжам со такви игри и сега во црвено-црниот дрес на радост на нашите навивачи“.

Се вчитува...