Шкендија се фокусира на ПМФЛ: Три бода против Брегалница се приоритет

По завршувањето на европската авантура, фудбалерите на Шкендија целосно се фокусираат на домашните обврски. По двете победи на првите два меча и импресивна гол-разлика од 5:0, единствена цел на тимот е враќање на шампионската круна.

Бразилскиот играч од средниот ред, Рафаел Фреитас, верува дека Шкендија мора да го задржи високото ниво на игра од европските сцени и во домашниот шампионат.

„Без никакво сомневање, имаме квалитет да го одржиме ова ниво. Покажавме одлични партии во Европа и имаме сè што е потребно за да продолжиме со истиот добар фудбал во текот на целата сезона. Не чекаат многу тешки и израмнети натпревари, но мора да ја покажеме силата на тимот, да раснеме од меч во меч и да го задржиме европскиот ритам за да ги оствариме сите цели“, изјави Фреитас.

Во третото коло, пред Шкендија стои предизвикот наречен Брегалница, меч на кој тетовци важат за големи фаворити за освојување на трите бода.

„Секој натпревар е важен, но кога го носиш дресот на Шкендија, одговорноста е уште поголема бидејќи ја знаеме големината на овој клуб. Ова е тим со шампионски менталитет кога сите одиме на победа. Тоа е нашата мисија оваа година – да ја вратиме титулата таму каде што припаѓа“, заклучи Бразилецот.

Дуелот меѓу Шкендија и Брегалница се игра во недела, на комплексот на ФФМ, со почеток од 19:00 часот.

Се вчитува...