Шкендија со минимален пораз се враќа од гостувањето кај Браво (ВИДЕО)

Ќе мора Шкендија да брка негатива во Скопје на реваншот против словенечкиот тим Браво, откако вечерва во Љубљана тетовскиот тим беше поразен со 2-1. Иако поведоа, избраниците на Артим Положани мораа да се помират со пораз, и покрај тоа што не искористија добри шанси да дојдат барем до нерешено и поволен резултат пред вториот меч на Националната Арена „Тодор Проески“.

А, добро почна тетовскиот тим од мечот во Љубљана. Уште во 10. минута досуден удар од белата точка, кој го реализираше Красниќи. Косовскиот интернационалец шутираше прецизно во мрежата на домаќинот, и Шкендија се стекна со предност.

Но, радоста траеше само осум минути, откако Копатин успеа да донесе израмнување за домаќинот. Шкендија имаше неколку шанси да дојде до 1-2, најдобрата беше во самиот финиш од првите 45. минута кога Ндзенге шутираше, а Рожман одбрани.

Во вториот дел Браво ја презеде иницијативата, и успеа да постигне гол по едно невнимание во одбраната на тетовската екипа. Станковиќ зеде топка на 40 метри, се „прошета“ се до 20 метри и упати прецизен удар во мрежата на Амзаи.

Спахиу имаше добра прилика да дојде до израмнувачки погодок, но неговиот удар го одбрани Рожман. Потоа Зејнулаи имаше прилика, ама неговиот обид беше во последен момент изблокиран.

Се вчитува...