Шкендија со нов пораз од Салцбург се збогуваше од ЛШ, на ред е плеј-офот за Лига Европа

Шкендија со нов пораз од Салцбург, овој пат со 0-1, се збогуваше од квалификациите за Лигата на шампионите. Тетовци загубија од Австријците на реванш пресметката од третото квалификациско коло што значеше и елиминација за македонскиот шампион и по оние убедливи 3-0 за Салцбург од првиот натпревар.

Избраниците на Ќатип Османи одиграа солиден натпревар, креирајќи серија шанси и за триумф но на крајот не знаеја како да ги искористат. Австријците, пак, сосема очекувано си одиграа еден рутински натпревар се чини комплетно контролирајќи ја целокупната ситуацијата на теренот.

Шкендија беше поактивна во првиот дел но само со две можности за загрозување на противничкиот гол од кои вреди да се издвои обидот на Бесарт Ибраими директно од слободен удар од околу 25 метри во 39. минута.

Во второто полувреме далеку поагресивно издание на „црвено-црните“. Уште во 47. минута 100% шанса за Алими но неговиот обид заврши за малку покрај голот на гостите. Во продолжението одлична можност имаше и Бесарт Ибраими во 65. минута, за да потоа следат шанси на Ибраими во 69. минута и Жуниор во 74. минута.

Па, кога не се реализираат сопствените шанси, следи казна на спротивната страна со голот на Такуми Минамино во 92. минута за конечни 0-1.

По оваа елиминација, за Шкендија следи плеј-оф рундата за место во групната фаза од Лигата на Европа, најверојатно против норвешки Розенборг.

Се вчитува...