Лидерот Шкендија оствари убедлив триумф (5-2) против Победа во 25. коло од Првата фудбалска лига. Тимот на Ќатип Османи овојпат немаше проблеми со прилепскиот тим, кој во минатото неколку пати знаеше да го загорчи животот на тетовци. Арменд Алими отвори во петтата минута, Енур Тотре зголеми на 2-0 во 14.минута, а Егзон Бејтулаи постигна трет гол во 26.минута.
Јаник Макота беше стрелец на погодок за Победа во 76.минута, а во завршницата погодија и повратникот Марјан Радески, како и Стенио Жуниор. Прилепчани со голот на Трајкоски дојдоа до 5-2.
Вардар продолжи со победите. „Црвено-црните“ со 1-0 го совладаа Силекс на стадионот „Борис Трајковски“, а погодокот го постигна Матеј Цветановски во 55.минута.
Академија Пандев славеше против Ренова со 2-1. Љупчо Дориев од пенал донесе водство за домаќинот во 40.минута, Бурхан Мустафов во 83.минута израмни, но во финишот беше досуден уште еден пенал за Академија Пандев. Успешен реализатор беше Ѓорѓи Стоилов во 89.минута.
Македонија ЃП и Работнички ремизираа 1-1 во Ѓорче Петров. Христијан Кировски со шут од 15 метри донесе водство за „лавовите“ во 63.минута, а пет минути подоцна израмни Николче Шаркоски.
Беласица оствари триумф (2-0) против Шкупи. Фудбалерите на најдобар начин му го честитаа роденденот на шефот Ѓоко Хаџиевски.
Пепи Георгиев во деветтата минута постигна водечки погодок за Беласица, а победата ја потврди Душан Савиќ од пенал во 75.минута.
ПРВА ЛИГА, 25.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ
АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – РЕНОВА 2-1
ВАРДАР – СИЛЕКС 1-0
БЕЛАСИЦА – ШКУПИ 2-0
ШКЕНДИЈА – ПОБЕДА 5-2
МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ 1-1
Табела: Шкендија 56, Вардар 48, Академија Пандев 45, Ренова 33, Шкупи 33, Работнички 32, Македонија ЃП 30, Силекс 24, Беласица 22, Победа 18.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА