Македонскиот првак Шкендија денеска е исправен пред најголемиот предизвик во клупската историја. Тимот на Ќатип Османи е на чекор до пласман во групната фаза од Лигата на Европа, успех што би бил најголем во клупската историја, а втор последователен за македонскиот фудбал, откако тоа лани му успеа на Вардар.
Шкендија има негатива од 3-1 против Розенборг по првиот меч во Норвешка, но тоа и не ненадоместливо за македонскиот шампион. Мотивите се огромни, па ако сакате и во пари изразено, околу 4 милиони евра. Толку ќе заработи Шкендија доколку вечерва на арената „Филип Втори“ успее да ја прескокне последната пречка и влезе во групите од ЛЕ.
Самиот пласман носи 2.920.000 евра, а секоја победа во групите – 590.000 евра, и секое реми – 190.000 евра. Секако, тука е и заработката од ТВ права, како и од полните трибини, со оглед дека сигурно ќе има атрактивни противници што би допатувале во Македонија. Челси, Арсенал, Милан, Олимпик Марсеј, Фенербахче, Севилја, се само дел од клубовите кои би можеле да бидат понатамошни противници на Шкендија.
Но, прво треба да се скокне, а потоа да се каже „оп“. Вечерва, со почеток во 20.15 часот, македонскиот првак го игра најважниот меч во својата досегашна историја, со надеж дека ќе успее да ја анулира негативата (3-1) против Розенборг, и да го елиминира норвешкиот тим за пласман во групната фаза од Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА