Шкупи атакува на победа: Глазгов ренџерс не е баук!

Нескриен е оптимизмот во таборот на Шкупи во очекување на реванш натпреварот против Глазгов ренџерс во 1. квалификациско коло за Лигата на Европа. Денеска чаирчани на „Филип Втори“ ќе се обидат да дојдат до триумф против шкотскиот тим, носени од желбата па и да се анулира онаа предност од 2-0 на гостите од првиот дуел во Глазгов.

Несреќно загуби Шкупи во Шкотска со гол примен од пенал во последните секунди, што дава мотив дека може македонскиот тим да се надигрува со фаворитот.

„После првиот натпревар немавме многу време за подготовки, туку за освежување. Сепак, мислам дека корегиравме дел од грешките кои се појавија на првиот меч. Глазгов Ренџерс има предност од 2-0, но ние веруваме дека можеме да одиграме уште подобро на реваншот. Треба да бидеме поагресивни кон противничкиот гол и да се обидеме да постигнеме гол во првото полувреме“ – вели тренерот Зекирија Рамадани.

Од друга страна, менаџерот на Глазгов ренџерс, Стивен Џерард на прес-конференцијата во Скопје потенцираше дека секогаш во Македонија им е тешко на противниците, без разлика дали се работи за клупски или репрезентативен фудбал.

„Чест ми е што сум во Македонија, каде знам дека секогаш домашните екипи играат одличен фудбал. Благодарен сум на домаќините и на одличниот прием кој го имаме тука“ – рече Џерард, и дополни:

„Ќе биде еден цврс меч во кој верувам дека Шкупи ќе нападне од првата минута посакувајќи да дојде до изненадување. Ние имаме добра предност која мислам ќе успееме да ја сочуваме. Подготвени за овој натпревар, а дали ќе има измени или не во составот ќе се знае непосредно пред натпреварот“.

 

Натпреварот меѓу Шкупи и Глазгов ренџерс се игра утре од 18 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Се вчитува...