Шкупи достојно се прости, Глазгов Ренџерс не победи и на гости

Македонскиот претставник Шкупи е елиминиран од славниот шкотски тим Глазгов Ренџерс во квалификациите од Лигата на Европа. По поразот од 0-2 во Шкотска, тимот од Чаир одигра реми без голови на реваншот во Скопје. Шкупи имаше желба, покажа и фанатична борбеност, создаде неколку шанси, но недостигаше реализација за поубава приказна на вечерашниот меч на арената „Филип Втори“. Тимот што го предводи Стивен Џерард се пласира во второто квалификациско коло од ова натпреварување.

Баже Илијоски во 14.минута упати силен удар од работ на шеснаесетникот, но Мекгрегор успеа да исфрли во корнер. Три минути подоцна и Кристијан Стојкоски сериозно се закани со удар од 20 метри, но голманот на Глазгов Ренџерс повторно беше на висина на задачата.

На спротивната страна возврати Виндас, кој побегна по левата страна, шутираше во 24.минута, но Зендели се истакна со одлична интервенција. По ова, шкотскиот тим успеа да воспостави рамнотежа на теренот, а по првиот дел мрежите мируваа.

Во 54.минута, Виндас повторно имаше одлична акција по левата страна, се одлучи на удар во спротивниот агол, а Зендели уште еднаш реагираше на вистинскиот начин. Осум минути подоцна, Трипие шутираше од слободен удар, а Зендели повторно одбрани.

Тренерот Зекирија Рамадани се обиде и со малку поофанзивна формација во завршницата, но мрежата на Глазгов Ренџерс не се тресеше во Скопје. Најубавата шанса ја имаше Муарем Муарем, во 88.минута, кога излезе сам пред Мекгрегор од левата страна, шутираше, но голманот на гостите со пад во нозе успеа да спаси.

Славниот шкотски тим оди во следната рунда од квалификациите во Лигата на Европа, а Шкупи достојно се прости од меѓународната сцена.

ПРВО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ОД ЛИГА ЕВРОПА – РЕВАНШ МЕЧ

ШКУПИ – ГЛАЗГОВ РЕНЏЕРС 0-0 (ВКУПНО 0-2)

Арена „Филип Втори“. Гледачи: 7.000. Судија: Мелер (Турција). Ж. Картони: Стојкоски, Илијоски, Муарем, Билали (Шкупи), Виндас (Г. Ренџерс).

ШКУПИ: Зендели, Адем, Типуриќ, Билали, Кривањева, Броја, Вујчиќ (82’ С. Мухарем), Овоно (37’ Шабани), Муарем (90’ Исмаили), Стојкоски, Илијоски.

ГЛАЗГОВ РЕНЏЕРС: Мекгрегор, Таверние, Голдсон, Катиќ, Фланаган, Мекрори, Џек, Кандејас (72’ Ејариа), Виндас (64’ Мидлтон), Марфи, Морелос.

 

 

Се вчитува...