Шлаканица за Инфантино: СП во Катар ќе остане со 32 репрезентации

Џани Инфантино го претрпе првиот поголем пораз откако седна на фотелјата во ФИФА откако не беше прифатен предлогот на претседателот да дојде до зголемување на бројот на учесници на фудбалските мундијали, почнувајќи од СП 2022 во Катар. Инфантино долго време тврдеше дека има поддршка за овој проект, но последните информации говорат дека по долго разгледување на ситуацијата неговиот предлог бил одбиен „поради политички и логистички причини“.

Катар нема доволно стадиони за да биде домаќин на еден Мундијал со 48 селекции, а затегнатите политички односи со соседите не дозволуваат земјите заеднички да организираат еден ваков спортски спектакл. Саудиска Арабија, Бахраин и Обединетите Арапски Емирати одбиле да влезат во било каква комбинација со Катар, обвинувајќи ја со години наназад оваа држава за помагање на терористички организации. ФИФА очајнички се свртела кон Оман, но добила негативен одговор и од оваа земја, по што станало јасно дека не постои никаква шанса за зголемување на бројот на учесници на Мундијалот.

Инфантино оваа информација ќе ја официјализира на конгресот на ФИФА во Париз на 5 јуни. СП во Катар ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември 2022 година. Проширувањето на Мундијалот се очекува од СП 2026, што ќе се одржи во три држави, САД, Канада и Мексико.

Се вчитува...