Се пореално е сценариото АБА-лигата целосно да згасне откако раководството на ова натпреварување предводено од Остоја Мијаиловиќ не успеа да најде заеднички јазик со судиите кои се решени да го продолжат штрајкот додека не им бидат исполнети барањата.
Првото коло беше одложено токму од оваа причина, а последниот разговорот не вродил со плод откако судиите ја одбиле и втората понуда на АБА-лигата, најавувајќи дека се подготвени штрајкот да продолжи.
Сепак, српски „Спорт клуб“ алармантно најавува дека неиграњето на второто коло ќе ја зголеми сериозно опасноста за целосно згаснување на АБА-лигата. Опцијата да се доведат арбитри од странски држави пропадна, па следните часови ќе бидат клучните, дали ќе се најде заеднички јазик со арбитрите за лигата да продолжи следниот викенд или ќе дојде до целосен колапс.
Доколку дојде до згаснување на АБА-лигата, согласно договорот се отвора простор за тужби од страна на Дубаи, Слован, Виена и Клуж како клубови кои платија вајлд-карти. Во тој случај, тужени ќе бидат сите останати екипи кои се ко-сопственици во АБА-лигата и за неисполнувањето на тој договор одговараат со својот имот.
Хаосот е се поголем, а останува да се види дали ќе се најде заеднички јазик „во пет до 12“ и овој проект ќе биде спасен, или ќе бидеме сведоци на неславен крај на лигата што неодамна прослави 25 години постоење.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
