Шок: Јамал ја заврши сезоната, во трката со времето за СП

Барса стигна до планираните три бода против Селта, но каталонскиот гигант се соочува со огромен проблем по повредата што ја заработи Ламин Јамал, и тоа при постигнувањето на водечкиот гол од пенал на синоќешниот дуел.

Крилниот офанзивец веднаш падна на теренот и побара лекарска помош, а клупскиот доктор Рикард Пруња по само неколку секунди побара од тренерот Флик да подготви замена. За денеска се закажани детални лекарски прегледи на повредениот мускул на левата нога, но во таборот на Барса не се премногу оптимисти дека тој ќе може да се врати на терените до крајот на сезонава.

Минималната пауза што се шпекулира изнесува еден месец, што би значело дека Јамал би можел да се врати за последната рунда, токму за гостувањето против Валенсија, но доколку титулата биде веќе осигурана (Барса во моментов има „плус седум“ во однос на Реал) тогаш Флик сигурно нема да ризикува со младата суперѕвезда.

Многу посериозно е прашањето дали Јамал ќе може да настапи на СП 2026, кое ќе стартува официјално за 49 дена. Ламин е главна ѕвезда на шпанскиот национален тим и јасно е дека со него во составот се поголеми шансите за атак на највисок пласман на претстојниот мундијал, па селекторот Де ла Фуенте, но и сите шпански фанови со нетрпение ќе ги очекуваат резултатите од деталните прегледи закажани за денеска.

Се вчитува...