„Шок-терапија“ или продолжување на „агонијата“ – „сино-бел“ меч во Аеродром

Натпреварот на 18. коло во Првата лига ќе биде одигран во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје ќе го пречека Гостивар од 19 часот.

„Штрковите“ по поразот од Академија ФМП во претходното коло претрпеа тренерска смена која ќе биде интересно да видиме како ќе се одрази врз аеродромци. На клупата седнува доскорешниот помошен терен, Дарко Радуловиќ па не очекуваме драстични промени во играта на „сино-белите“, поготово во толку кус период.

Од таборот на составот од Аеродром се свесни за предизвикот кој претстои, но како што вели бекот Николов, МЗТ Скопје треба да го надмине лошиот период, да го покаже својот потенцијал и да докаже зошто е шампион.

„Секоја промена си носи свои ризици и одговорности. Со оглед на ново настанатата ситуација од изминативе неколку дена очигледно е дека не очекува турболентен период кој сигурен сум дека брзо ќе го надминеме. Задачата за мене, како и за сите мои соиграчи е јасна. Борба за секоја топка како да е последна. Не можам да кажам дека ќе биде лесно, Гостивар е екипа со доста искуство и добри играчи кои ќе сакаат да ја искористат оваа ситуција. Мораме да влеземе агресивно, како во одбраната, така и во нападот и да дадеме се од себе за да се добие овој натпревар. Како што верувам во себе, така верувам и во целиот ростер кој ни е на располагање, дека ќе ги оправдаме очекувања и ќе докажеме зошто МЗТ Скопје го носи приматот на шампионска екипа“ – изјави за ЕКИПА, Кристијан Николов.

Целата ситуација во Аеродром ќе се обиде да ја искористи Гостивар, кој денеска ќе се обиде да се рехабилитира од поразот на натпреварот против Пелистер во последното коло. „Сино-белите“ од западот оваа сезона во неколку наврати го докажаа својот потенцијал, но во неизвесната сезона гостиварци се мачат да најдат континуитет.

Кошаркарите на Гостивар не го потценуваат актуелниот шампион, а ја знаат и потребната форума за победа на „сино-белиот“ натпревар.

„Ниту еден пораз не е добредојден, особено во дерби натпревари како против Пелистер, каде и покрај доброто прво полувреме, потфрливме во второто. Се надевам дека ќе ги поправиме грешките од тој натпревар на денешниот дуел против МЗТ Скопје, ќе одиграме квалитетно и ќе го дадеме максимумот. Треба да ја сопреме нивната контра и зошто играат брзо во транзиција, како и да бидеме до крај доследни во нашата игра и она што го имаме договорено“ – изјави за ЕКИПА, Ренато Димитиевски.

Во последните пет меѓусебни натпревари, аеродромци „водат“ со скор од 3-2, но гостиварци славеа во последните две средби, кои беа одиграни претходната сезона.

 

 

 

Се вчитува...