Шок во Манчестер: Алиоски и Лидс со лекција за Сити

Езгијан Алиоски и Лидс остварија значаен подвиг триумфирајќи со 1-2 на гостување против лидерот Манчестер Сити. Македонскиот репрезентативец ги одигра сите 90 минути за својот тим на овој одличен меч, во кој Лидс и со играч помалку со гол во 91. минута стигна до трите бода. Пеп Гвардиола скапо плати за тактизирањето, одморајќи дел од првотимците и воопшто не внесувајќи го во игра Кевин де Бруине.

Тоталната доминација на „граѓаните“ не вроди со плод, а Лидс поведе со 0-1 со својата прва шанса, откако Далас со прецизен удар од работ на шеснаесетникот го совлада Едерсон. Огромен хендикеп за гостите беше црвениот картон што капитенот Купер го доби пред крајот на полувремето, по што Лидс вторите 45 минути ги одигра со фудбалер помалку на теренот.

Манчестер Сити уште повеќе притисна, успевајќи да стигне до израмнување преку Феран Торес, но Лидс ги имаше најубавите шанси за победа во финишот, кога Рапиња излезе очи в очи со Едерсон, но се обиде да го дрибла домашниот голман кој успеа да го запре неговиот обид.

И кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, Далас одлично втрча од позадина и повторно го матираше голманот на Сити, за огромна радост на Марсело Биелса и неговите избраници.

Се вчитува...