Шок за „Фуријата“ во Глазгов, Хрватска ја замолкна Бурса, Косово се посрамоти со Андора (ВИДЕО)

Вечерва се одиграа вторите натпревари во неколку групи во европските квалификации за пласман на ЕП 2024 година.

Еден од фаворитите Шпанија остана со празни раце од Глазгов, откако загуби од Шкотска. МекТоминеј беше херој на Шкотланѓаните кој со два гола ја шокираше „фуријата“. Првиот гол играчот од средниот ред го постигна во 7. минута, а на стартот од вториот дел, поточно во 51. минута го зголеми резултатот. Шпанците иако напаѓаа до крајот, сепак, не го најдоа патот до голот.

Матео Ковачиќ е јунакот на Хрватска, кој им ја донесе првата победа во квалификациите. Фудбалерот на Челси успеа во првото полувреме со два гола да донесе висока предност за „коцкастите“ во дуелот со Турција одигран во Бурса. Инаку во првите 10 минути, Турците имаа три одлични шанси, а потоа откако примија гол, Ковачиќ уште еднаш ги матираше. Во вториот дел Хрватите имаа уште една добра шанса порано да ја решат победата, но не реализираа. Прилики имаше и Турција, но Ливаковиќ ја сочува мрежата.

Бламажа доживеа селекцијата на Косово која не успеа да ја победи Андора на домашен терен. Андорците успеаја да освојат бод на дуелот во Приштина играјќи 1-1. Косовците дојдоа до водство со гол на Жегрова во 59. минута. И кога се чинеше дека ќе дојдат до победа, сепак, Росас две минути подоцна успеа да израмни и да донесе голем бод за Андорците.

Велс дојде до четвртиот бод во квалификациите откако ја совладаа селекцијата на Летонија дома со 1-0. Швајцарија со нова победа во квалификациите, овој пат во Женева „падна“ Израел. Романија со 2-1 ја совлада Белорусија.

Се вчитува...