Шок за Куман: Меси му соопштил на новиот тренер дека сака да си замине!

Роналд Куман се соочува со огромна главоболка од самиот почеток на работниот ангажман во Барселона откако му било соопштено дека Лионел Меси сериозно размислува да си замине од клубот, и тоа лично во состанок „во четири очи“ со аргентинскиот фудбалски генијалец. Куман на промоцијата јасно стави до знаење дека посакува Меси да остане на „Камп Ноу“, но нешто подоцна и потенцираше дека планира во тимот да ги задржи само оние фудбалери кои се максимално посветени на успесите на каталонскиот гигант.

Меси решил да го прекине одморот за да се сретне со холандскиот стратег, но исходот од таа средба бил разочарувачки за Барса – Аргентинецот му најавил на Куман дека сериозно ја разгледува можноста за заминување. „Меси во моментов повеќе е надвор отколку внатре во Барселона“, пренесуваат неколку шпански медиуми.

Аргентинецот би сакал да си замине веќе летово, но е свесен дека проблем е клаузулата од 700 милиони евра што никој во светот нема да ја плати. Сепак, доколку тој инсистира на заминување од клубот тешко дека ќе може да биде запрен, особено ако се знае дека следното лето ќе може да го напушти „Камп Ноу“ без никаква отштета.

Сега на потег е претседателот Бартомеу, кој ќе стори се што може за да го убеди Аргентинецот да остане. Бартомеу не сака да остане запишан во историјата како претседател во чиј мандат најдобриот играч во историјата на Барселона го напуштил клубот, но од друга страна аргентинскиот ас делува решено што поскоро да си замине.

Едно е јасно, летово ќе биде исклучително долго за навивачите на Барселона, бидејќи нивниот клуб не само што тешко стигнува до посакуваните засилувања, туку сега може да остане и без убедливо најдобриот фудбалер.

Се вчитува...