Шок: Згасна АВ Охрид, на пет дена до стартот на сезоната!

На само една недела пред закажаниот старт на новата сезона во кошаркарското првенство, нов шок на сцената во овој спорт откако газдата на АВ Охрид, Милчо Донески, реши да го згасне клубот што пред неколку сезони се натпреваруваше и во АБА2 лигата. За одлуката денеска бил испратен и официјален допис до КФСМ, со јасна порака дека оваа екипа нема да биде дел од новата сезона. Со оглед на фактот дека станува збор за приватен клуб, ова значи и дефинитивно исчезнување на АВ Охрид од кошаркарската мапа на Македонија.

Во текот на денешниот ден за новонастанатата ситуација биле известени кошаркарите и членовите на стручниот штаб, кои се наоѓаат во незавидна состојба, на пет дена до стартот на сезоната да останат „на улица“, иако имаа валидни договори за целата сезона 2019/2020.

Донески како прв човек на клубот со години инвестираше во охридскиот кошаркарски колектив, каде настапуваше неговиот син Антонио Донески. Неофицијално, како причина за ваквиот човек на главниот спонзор се наведени финансиски проблеми, но и неисполнети ветувања од страна на КФСМ, Градоначалникот на Охрид и уште неколку институции од кои не ја добил ветената помош во изминатиот период.

АВ Охрид летово го ангажираше Марјан Илиевски за тренер, беа доведени бројни одлични засилувања, со што оваа екипа беше сериозен кандидат за место во плејофот. Тимот тренираше заедно повеќе од еден месец, одигра и квалитетни контролни средби на турнири во Бугарија, но финансиските проблеми на газдата придонесоа овој клуб воопшто да не ја стартува сезоната. Охриѓани требаше во првото коло да му гостуваат на Кожув, меч што беше најавуван како дерби на стартот на сезоната.

Охрид е вториот клуб во приватна сопственост, по КК Блокотехна, кој летово се решава на ваков чекор. На потег сега е КФСМ, која од договорените 11 останува на само 10 екипи. Исто така, од куќата на кошарката се уште се немаат изјаснето за судбината на Шкупи, кој бара враќање во елитното друштво. Време има се помалку, бидејќи стартот на новата сезона е закажан за 5 октомври.

Се вчитува...