Шпанија ја одбрани круната во женската кошарка

Шпанија во голем стил ја одбрани титулата на европскиот шампионат во кошарка за жени, откако во големото финале во Белград ја декласираше Франција со 86-66. Охрабрени по тешкиот полуфинален триумф над домаќинот Србија, шпанските кошаркарки и без помошта на повредената Алба Торенс доминираа од почеток до крај и заслужено се задржаа на тронот.

Пресудна беше првата четвртина, во која Шпанија одигра неверојатно во нападот, постигна дури 32 поени за 10 минути и си создаде двоцифрена предност (32-21). Отпорот на Французинките беше скршен во третиот период, кога стана јасно дека нема никакви шанси за камбек, па „црвената фурија“ ја одржа удобната предност се до самиот крај и конечните „плус дваесет“.

Марта Харагај со 23 поени беше најефикасна кај европските шампионки, Домингез постигна 13, а Палау 12 поени за Шпанија. Најефикасна во таборот на Франција при денешниот пораз беше Сандрин Груда со 18 постигнати поени.

Се вчитува...