Шпанците го избраа судијата за саботното „Ел Класико“

Реал Мадрид и Барселона ќе излезат на мегдан во големото шпанско дерби што ќе се игра в сабота на теренот „Алфредо ди Стефано“, а Шпанската Фудбалска Федерација денеска го објави и името на судијата кој ќе ја дели правдата на оваа суперинтересна пресметка.

Станува збор за Антонио Матеу Лахоз, кој моментно важи за најдобар шпански судија, кој важи и за главен фаворит за судија на финалето во ЛШ, доколку во него не се пласира ниту една шпанска екипа. Тој синоќа го судеше натпреварот во Минхен меѓу Баерн и ПСЖ, а по враќањето во Шпанија ќе биде задолжен за најинтересниот дуел во неговата татковина.

Лахоз сезонава судеше само еден меч на Реал, при победата од 2-0 на градското дерби со Атлетико. Тој беше главен судија на четири средби на Барса, при што каталонскиот гигант има скор од две победи и два порази.

Матеу Лахоз досега има судено пет супер-пресметки меѓу Реал Мадрид и Барселона, при што „кралевите“ имаат три победи, едно реми и еден пораз.

Се вчитува...