Шпанците ја отпишаа Италија и си обезбедија четвртфинале

Во натпревар кој не донесе многу кошаркарска убавина, Шпанија ја совлада Италија со 67-60 победа со која обезбеди пласман меѓу осумте најдобри екипи на Светското првенство во Кина.

Италијанците подобро го отворија мечот, а во седмата минута стигнаа и до највисоките плус десет (15-5), по што селекторот на Шпанија, Серџо Скариоло мораше да повика тајм-аут. Шпанците успеаја да ги консолидираат редовите и на крилата на Серхио Љуљ со серија од 13-3 до крајот на првата четвртина стигнаа до нерешено (18-18). Во втората четвртина царуваа одбраните на двете репрезентации, а на полувреме се замина со минимална предност за Италија од 30-31.

Во третата четвртина двете репрезентации играа во серии, игра во која за нијанса подобри беа Шпанците кои по 30. минути имаа предност од 50-48.  Лошата игра во нападот на двете страни продолжи и во последната четвртина, во која Шпанците во шест минути постигнаа само два поени, а Италија успеа да стигне до водство од (52-56).  Следуваше тајм-аут на Скариоло, по кој повторно следуваше серија на Шпанците од десет нула по која повторно поведоа со 62-56. Натпреварот влезе во пенал завршница во која Шпанците беа смирени за конечна победа од 67-60.

Хуанчо Хернангомез со 16 поени беше најефикасен кај Шпанците, додека Рубио уфрли 15. Кај Италија најдобар беше Галинари со 15 поени.

Се вчитува...