Шпанците не дозволија сензација на Иран

Шпанија стигна и до третатa победа во групната фаза откако „црвената фурија“ по голема битка славеше над Иран со резултат 73-65. За очекување беше избраниците на Скариоло многу полесно да прокнижат нови бодови, но Иранците изненадија со одлична игра, парирајќи му на големиот фаворит буквално до самиот финиш. Сепак, на крајот пресуди искуството на шпанскиот состав, кој заслужено го задржа стопроцентниот ефект во пресрет на втората групна фаза на Мундобаскет 2019.

Иран изненади со феноменалниот старт откако оваа селекција експресно поведе со 0-10, а нешто подоцна имаше и 5-15. „Црвената фурија“ успеа да се врати, до крајот на четвртината намали на 17-21, а потоа на одмор замина со минимална предност од 33-31. Иранците се држеа до 90 секунди до крајот, кога при израмнети 65-65 Серхио Љуљ постигна тројка, по што шпанските кошаркари нанижаа уште пет поени и на крајот славеа со конечни „плус осум“.

Мора да се истакне дека кај Шпанија во последната четвртина незгодна повреда заработи Руди Фернандез, па останува да се види дали асот на Реал Мадрид ќе може да помогне на „фуријата“ во натпреварите од втората фаза. Марк Гасол со 16 поени беше најефикасен во победничката селекција, а Хуанчо Хернангомез оствари дабл-дабл од 11 поени и 10 скокови.

Се вчитува...