Шпанците по имиња се „вонземјани“, на терен обични смртници

Ждребот не им беше наклонет на македонските фудбалери, кои премиерниот натпревар на едно Европско првенство ќе го играат против Шпанија, селекцијата која важи за еден од главните фаворити не само за првото место на табелата, туку и за освојувањето на златниот медал во Полска.

Како и не би била кога во своите редови има асови како Саул Нигез, кој ги тресе мрежите на Реал Мадрид, Барса и Баерн, десен бек е Белерин од Арсенал, за организација е задолжен Денис Суарез, а во нападот се Вилијамс, Борха, Сандро Рамирез… Вистински фудбалски „вонземјани“ за својата возраст.

Селекторот Алберт Селадес, поранешен играч на Реал, инсистира на формација 4-3-3 со која „црвената фурија“ има голем посед на топката. Прв голман е Кепа од Атлетик Билбао, стартен десен бек е Белерин од Арсенал, а по левата страна дејствува Гаја од Валенсија, за кого се интересираат бројни европски гиганти. Централен дефанзивец број еден е Цезар Валјехо, талентот на Реал кој имаше одлична сезона во Ајнтрахт, па беше вратен од Зидан за во новата сезона да го наследи Пепе во дресот на „кралскиот клуб“. Фаворит за негов партнер во одбраната е Џони Кастро од Селта, иако Селадес би можел да се реши и за Хорхе Мера од Спортинг Хихон.

Маркос Љоренте вообичаено е прва опција на позицијата последен играч за врска, особено по извонредната сезона што ова „дете на Реал“ ја имаше на позајмица во Алавес. Пред него настапуваат Саул Нигез и Денис Суарез, па јасно е зошто Шпанците со леснотија создаваат шанси, без оглед на противникот. На крилните позиции стартери најчесто се Делофеу од Милан и Асенсио од Реал Мадрид, а најголема конкуренција има за местото најистурен напаѓач.

nigez i inaki

Шпанските медиуми најавуваат дека Селадес ќе му даде предност на Борха Мајорал, без оглед на слабата сезона што ја имаше на позајмицата во Волфсбург. Во игра за стартери како најистурени во нападот се уште и Сандро Рамирез од Малага, кој се наоѓа пред трансфер во Евертон, како и брзоногиот Инаки Вилијамс од Атлетик Билбао.

Тим за респект, па и слободно може да се каже застрашувачки, но за среќа на теренот не играат имињата. А фактите велат дека овој навидум „дрим-тим“ сепак не функционира најдобро кога ќе се појави на натпреварите со своите врсници.

Впрочем, Шпанија не беше ниту прва во својата група (заврши зад Шведска), па потоа во баражот во 180 минути игра не успеа да ја совлада Австрија, па визата за Полска ја обезбеди само поради гол повеќе постигнат на гостински терен (0-0 пред своите гледачи, 1-1 во Австрија). Ако на тоа се додаде и дека Шпанија воопшто не се пласираше на претходниот континентален собир за играчи до 21 година (во баражот загуби од Србија), јасно е дека „црвената фурија“ е далеку од деновите на славата кога доминираше во оваа возрасна категорија.

Секако, Шпанците остануваат фаворити на дуелот со Македонија, но со наша добра и храбра игра можеме да му парираме на овој противник, кој дефинитивно не е несовладлив.

Се вчитува...