Шпанците со „докторат по кошарка“ до светската круна

Шпанија е новиот светски првак во кошарка откако во денешното финале „црвената фурија“ го декласираше националниот тим на Аргентина со убедливи 95-75. „Гаучосите“ влегоа во мечот со надеж дека ќе приредат уште едно изненадување откако претходно ги елиминираа Србија и Франција, но денешниот ривал одигра беспрекорно во нападот, со добра одбрана успеа да го исфрли од ритам Луис Скола, на крајот заслужено радувајќи се на втората титула светски првак во својата историја.

Скариоло изненади со изборот на почетната петорка, со тројца високи кошаркари во тимот (Гасол, Хуанчо Хернангомез и Ориола). Ваквата тактика вроди со плод, Скола беше исфрлен од ритам од самиот почеток на финалето, а Шпанците експресно поведоа со 14-2. Аргентина возврати со серија од единаесет поени, доближувајќи со на 14-13, но „фуријата“ влезе во ритам на крајот од четвртината, па првите десет минути од мечот за трофејот завршија со убедлива предност на Шпанија од 23-14.

Во шутерски ритам влезе и Руди Фернандез, по чија тројка Шпанците стигнаа до најубедливи 17поени предност на стартот од втората четвртина (31-14). Лапровитола само за момент го врати аргентинскиот состав во мечот постигнувајќи седум поени во низа, но Шпанија имаше премногу расположливи оружја во ова финале. На одмор се замина со водство на „фуријата“ од 43-31, полувреме во кој Луис Скола не постигна ниту еден единствен поен.

Сите надежи на Аргентинците за камбек делуваа загубено по одличниот старт на Шпанија во третата четвртина, во која „црвената фурија“ ја мина и границата од „плус дваесет“ (55-33). „Гаучосите“ погодија две тројки преку Дек и Кампацо, но Скариоло зеде тајмаут, Шпанија се врати во посакуваниот ритам и ја врати предноста над 20 поени.

Во последната четвртина се влезе со водство на „фуријата“ од 19 поени (66-47), Шпанците почнаа да влегуваат во грешки, а Аргентина за три минути намали на 68-56. Рики Рубио со прецизен скок шут ја прекина серијата на „гаучосите“, следеше и реализација на Љуљ, па тројка на Хернангомез. За немоќта на Аргентина најдобро говори податокот дека Луис Скола првиот шут од поле го погоди дури во 35. минута, откако прашањето на победникот беше решено. Предноста на „црвената фурија“ не се спушти под десет поени, па Шпанците заслужено се искачија на тронот на светската кошарка.

Рики Рубио со 20 поени беше прв стрелец на шпанскиот национален тим, Љуљ 15 поени, Марк Гасол постигна 14 поени, а Руди Фернандез стигна до дабл-дабл од 11 поени и 10 скокови. Дек беше единствена светла точка во аргентинскиот табор со 24 поени, а разочара Скола со осум поени (1/10 шут од поле).

Се вчитува...