Македонскиот кошаркарски суперлигаш ТФТ загуби во првиот натпревар од финалната серија во АБА 2 лигата откако вечерва загуби на гостувањето кај Широки Бријег со 88-69 Слабото издание во последниот период во кој постигна само пет поени беше клучот за поразот на македонскиот тим.
Нашиот тим одлично го отвори натпреварот и по првите шест минути и првиот телевизиски тајм-аут имаше предност од 12-19. TФТ продолжи силно и во следниот период, а во 9. минута за првпат стигна до доцифрена предност 14-25. До крајот на првиот период тимот од Тафталиџе не постигна поени, па на пауза се замина со резултат 21-25. Во вториот период двата тима одиграа израмнето, а тројката со звукот на сирената на Ташовски беше доволна за плус седум (37-44) на пауза меѓу двете полувремиња за македонскиот претставник.
Широки Бријег подобро го отвори вториот дел и по долго време стигна до водство 49-46. До крајот на овој период домаќините успеаја да ја задржат предноста и да влезат со позитива од 64-62 пред последните десет минути. Избраниците на Боро Смилковски доживеаја голем пад во последниот период во кој во шест минути постигнаа само два поени, а тимот од Босна и Херцеговина за првпат стигна до двоцифрена предност 74-64.
До крајот најдобриот тим од регуларниот дел од сезоната во АБА 2 го исконтролира резултатот и стигна до конечен триумф од 88-69. Дерин Говенс со 17 поени беше прво име во нашиот табор, додека кај победникот Џејлин Мекрери постигна 26 поени.
Вториот натпревар се игра за седум дена во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

