Штета: Охрид беше близу до триумф, но пак загуби во АБА2

Кошаркарите на Охрид не успеаја да ја крунисаат одличната партија на гостувањето против Босна во прв триумф на терен во АБА2 лигата, откако по голема битка загубија од претставникот на БиХ со минимални 84-82. Босна е единствениот тим против кого Охрид прокнижи бодови, откако оваа екипа поради финансиски проблеми не допатува во Македонија и загуби службено, а охриѓани беа близу до триумф и вечерва во Сараево, но за жал немаа сили да ја задржат концентрацијата во клучните моменти.

Македонскиот претставник беше подобар тим во првата четвртина, заслужено добивајќи ја со 12-18. Домаќините направија пресврт, во четвртата четвртина стигнаа дури и до девет поени разлика, но потоа Охрид се врати и со двете тројки во серија на Рос успеа да направи и целосен пресврт. „Сино-белите“ имаа преност од 73-77 на три минути до крајот, но потфрлија во одбраната во самата завршница. Глигоријевиќ имаше шут за израмнување на девет секунди пред крајот, но не беше прецизен, па така македонскиот прволигаш во 19. коло од регионалното натпреварување го претрпе и својот 18. пораз.

Рос со 25 поени беше најефикасен кај охриѓани, во чии редови одличен беше и босанскиот интернационалец Зимиќ кој против својот поранешен клуб реализираше 21 поен и 15 скока, сепак недоволни за триумф во Сараево.

Се вчитува...