Штета: Пораз од Португалија, Кизиќ и Серафимов недоволни за четвртфинале

Македонија не успеа да се пласира во четвртфиналето од светското првенство за ракометари до 19 години откако нашиот национален тим загуби во пресметката со Португалија . Избраниците на Данило Брестовац го одиграа најдобриот меч на овој шампионат против селекцијата што имаше максимални пет победи во групната фаза, до четири минути до крајот беа „егал“ со фаворитот, но и тоа беше недоволно за да се најдат меѓу најдобрите осум селекции во светот. Штета што не беше искористено одличното издание на голманот Кизиќ, како и на капитенот Серафимов, кој го заврши натпреварот со девет постигнати погодоци.

Македонските ракометари влегоа максимално мотивирано во осминафиналето, а одличните одбрани на Кизиќ овозможија „црвено-жолтите“ да стигнат до минимално водство и да го контролираат резултатот во поголем дел од првото полувреме. Голманот Петковски ги крена навивачите и соиграчите на нозе со одбранетиот пенал при водство од 6-5, по што Серафимов со својот трет гол ја донесе првата предност на Македонија од „плус два“ (7-5), на половина од првото полувреме.

Избраниците на Брестовац играа одлично до 8-6, резултат при кој не реализираа и напад што можеше да донесе предност од три гола. Веднаш потоа Македонија две минути имаше и играч повеќе во нападот, но два напади со ваква предност не беа искористени. Португалците влегоа во посакуваниот ритам и набрзина направија пресврт, на одмор заминувајќи со одлични „плус три“ (15-12).

На стартот од второто полувреме блескаше нашиот голман Кизиќ, кој овозможи да се приближиме на еден гол негатива (16-15), но Португалија набрзина се врати на „плус три“ (18-15), принудувајќи го Брестовац да побара тајмаут. Советите вродија со плод, па веднаш следеше серија од 3-0, со голот на Младеновиќ израмнивме на 18-18 и го натеравме португалскиот селектор на тајмаут. Фаворитот набрзина поведе со два гола разлика, но Македонија не се предаде, па со голот на Кондев во 52. минута израмни на 23-23.

Португалците почнаа да грешат, а Серафимов биеше прецизно на спротивната страна, па Македонија на седум минути до крајот повторно поведе, овојпат со 24-23. Радоста кратко траеше бидејќи противникот набрзина нанижа три гола и поведе со 24-26. Серафимов со својот деветти гол намали на 25-26, но тоа беше се што направија нашите ракометари откако во следната минута Португалија постигна два гола со играч помалку, запечатувајќи ја победата изразена со конечни 29-25.

Се вчитува...