Македонската машка клупска одбојка ќе има претставник во европските клупски купови и во Новата година, со оглед на тоа дека Штип УГД запиша историски триумф од максимални 3:0 (25:18, 25:23, 25:16) против норвешки @koll volley и преку “златен сет”, кој го доби со убедливи 15:8, обезбеди опстанок во Челинџ купот.
Вечерва во салата “25 Мај” во Радовиш, македонскиот претставник одигра натпревар како по ноти, беспрекорно функционираа сите елементи. Дисциплинираната игра овозможи Штип УГД да ја анулира негативата од 3:1 што ја имаше од првиот меч во Осло и по само 80-тина минути игра да стигне до максимална победа и “златен сет”.
Во клучниот сет Штип УГД влезе еуфорично и фуриозно со 4:0 и 6:1 веднаш давајќи до знаење дека нема ништо да остави на случајност.
Стојан Илиев беше најефикасен со 22 поени, следен од Махди Задмард, кој реализираше 15 поени, Стојче Арсов имаше 11, Михајло Мирасчиев 10 и Леандро Оливеира шест поени.
Следен предизвик за Штип УГД во главната рунда од Челинџ купот ќе биде италијанскиот тим Милано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

