Роналд Куман ризикува да влезе во нов конфликт со Лионел Меси откако тренерот на Барселона веќе им порачал на челниците на клубот да не почнуваат преговори со Серхио Агуеро бидејќи Аргентинецот не му е неопходен во тимот. Откако добил зелено светло за останување од претседателот Лапорта, холандскиот стручњак јасно ставил до знаење дека негов приоритет за нов напаѓач е Мемфис Депај од Лион.
Меси најави дека одлуката за останување или заминување од клубот ќе ја донесе на крајот од сезонава, а каталонските медиуми тврдеа дека доведувањето на Агуеро требаше да биде еден од потезите што би го убедиле капитенот на Барса да потпише нов договор со каталонскиот гигант. Сепак, Куман не е убеден дека асот на Манчестер Сити би се снашол во неговите тактички замисли. Наместо Агуеро, тој инсистира на ангажман на Депај, фудбалер кој блескаше под негово водство додека беше селектор на холандската репрезентација.
И Депај и Агуеро стануваат слободни играчи на крајот од сезонава, Барса не би требала да плати ниту едно евро за нивниот трансфер, а воедно и финансиските барања на Холанѓанецот се пониски од оние на Аргентинецот. Не се отфрла ниту можноста двајцата заедно да пристигнат на „Камп Ноу“, но за тоа да се случи Барса најпрвин ќе треба да најде купец за Антоан Гризман, за кого ќе се бараат 80 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА