Вардар одигра уште еден херојски натпревар, па на гостински терен по скалпот на европскиот првак Монпелје денеска го зеде и оној на Веспрем, тим што одново потроши богатство на нови имиња, но немаше лек за одличната одбрана поставена од страна на Парондо. И за Дејан Милосављев на голот на „вардарци“, кој уште еднаш покажа дека е подготвен за предизвикот што го носи најголемата европска ракометна сцена.
Фактот дека денеска против себе го имаше Арпад Штербик, голманскиот великан што тој го наследи на голот на Вардар, беше само мотив повеќе за младиот Србин, да го покаже сиот свој талент во една од најжешките сали во Европа. Бранеше кога беше најважно, ги запираше Илиќ, Наѓ и останатите ѕвезди на Веспрем и како и во првото коло во Монпелје повторно се погрижи да добие уште една голманска битка, по онаа со Винсен Жерар, сега и со големиот Арпад Штербик. Впрочем, бројките говорат најдобро, Штербик го заврши мечот со осум одбрани, наспроти 12 на Милосављев.
Арпад Штербик е великан на ракометната игра чија кариера е пред залез, но во Дејан Милосављев „вардарци“ добија голман што уште долги години може да брани на највисоко ниво, па и уште повеќе да напредува.
Три победи по ред, на ред е Рајн-Некар Левен во Скопје следниот викенд… со ваква одбрана и вака расположен голман „мириса“ на 4-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА