Што се случува со Миовски!? Зачудувачко соопштение дека сам ќе си ја водел кариерата!?

Што се случува со Бојан Миовски!? Откако заврши преодниот рок во Шкотска, крајно зачудувачко соопштение на македонскиот репрезентативец преку социјалните мрежи преку кое ја информира јавноста дека од сега па понатаму сам ќе си ја менаџира професионалната кариера откажувајќи се од досегашниот менаџерски тим.

„Сакам да потврдам дека во моментов не сум претставуван од ниту еден агент или менаџерска агенција. Во следниот период лично самиот ќе ги менаџирам сите активности поврзани со мојата професионална кариера и иднина. Било какви барања околу мојата кариера или идни можности треба да бидат упатени лично до мене“ – се вели во зачудувачката изјава од Миовски.

Миовски по разочарувачката фудбалска година која ја има зад себе, како што е познато, не е во плановите на шкотскиот Ренџерс, но и по крајот на преодниот рок во поголемиот дел европски земји се уште е без клуб, иако шкотските медиуми пренесуваа дека последна негова шанса е австриски ЛАСК Линц.

По турбулентниот период за него, сега доаѓа и ова соопштение кое е далеку од вообичаено за фудбалери на неговото репрезентативно ниво на функционирање.

Миовски, во еден од најчувствителните периоди за иднината на неговата кариера, се одлучува јавно да се откаже од досегашниот менаџерски тим, со кој, пак, колку што е познато изминативе четири години ги реализираше најголемите трансфери во својата кариера, преминувајќи од унгарски МТК во Абердин, а потоа и во редовите на шпанска Џирона (клуб кој е директно во системот на Манчестер сити), за од 2025 повторно да се врати во Шкотска, во еден од најголемите клубови на Островот, Глазгов Ренџерс.

Се вчитува...