Што се случува? Тројца тренери за само еден месец исклучени поради насилничко однесување!?

За првпат во историјата на македонската Прва лига тројца тренери во само еден месец добиваат исклучување од фудбалските натпревари.

Откако стратегот на Вардар, Александар Васоски веќе ја отслужува суспензијата по исклучувањето на натпреварот против Шкупи, изминатаво коло исклучување добија и тренерите на Ренова, Никола Илиевски – Џиџи и на Победа, Тони Мегленски. И двајцата веќе се предадени на Дисциплинската комисија на ФФМ, првиот, како што стои во официјалниот записник, поради ‘насилничко однесување кон судијата’ а вториот поради ‘неспортски однос кон делителот на правдата’.

Илиевски заработи исклучување на дуелот против Работнички во 77. минута реагирајќи кон главниот судија Марјан Маркоски по голот за водство на „романтичарите“ од 2-1. Мегленски, пак, исклучувањето на гостувањето против Беласица во Струмица го заработи во 85. минута. Интересно на истиот натпревар во Струмица, исклучен во 85. минута беше и кондицискиот тренер на Беласица, Марјан Илиев поради неспортско однесување.

Без сомнение веќе се најавени суспензии и за двајцата тренери, со тоа што лесно може да се очекува построга казна за шефот на стручниот штаб на Ренова, Никола Илиевски – Џиџи кој се соочува со потешко обвинение.

Се вчитува...