Тетовска Шкендија се пласираше во финалето на Купот на Македонија откако вчера славеше на гостувањето против Шкендија во Арачиново со 0-2, со два гола во второто полувреме.
По израмнетиот прв дел во кој арачиновци демонстрираа дека воопшто не се инфериорни против фаворитот, нештата се променели во второто полувреме, пишува Инфоспорт.
Според неофицијалните информации, како што пренесува „Инфоспорт“, на полувремето имало незадоволство кај пет до шест домашни фудбалери кои одбиле да истрчаат на терен во вториот дел.
„Како што неофицијално дознаваме, имало незадоволство кај 5-6 домашни фудбалери, бидејќи не сакале да играат според нечии наредби, што довело до нивна замена во текот на второто полувреме. Нивната замена, која се случи по 60. минута, предизвика драстична промена во играта, а како резултат на тоа видовме целосно анемична Шкендија Арачниново, особено при постигнувањето на противничките голови, при што се издвојува првиот гол постигнат од Себастијан Спахиу“ – пишува „Инфоспорт“ и дополнува:
„Во овој случај, интервенцијата на голманот Шукриу остава простор за сомнеж, кој точно по еден час игра го замени стартниот голман Столевски, кој дотогаш беше на висина на задачата, и не дозволи радост на играчите на Шкендија. По сето тоа во последните моменти од натпреварот и сите тие неразбирливи замени, кога и капитенот Амир Нухија ја напушти играта, арачиновци примија два гола со кои згасна нивниот сон да запишат историја“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
