Шукер на Собранието на ФФМ: Македонија има со што фудбалски да се гордее

Пред почетокот на работниот дел од Редовното Изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија, свое обраќање до делегатите имаше хрватската легенда Давор Шукер кој во Скопје е во својство на претставник од УЕФА, како член на Извршниот одбор на УЕФА.

Шукер нагласи дека му е чест што е во Македонија, како што рече, пријателска земја со многу фудбалски пријатели…

„Сакам да ги поздравам сите фудбалски лица во Македонија. Може да кажам дека ние како УЕФА, и јас како претседател на Хрватскиот фудбалски сојуз, имаме одлична соработка со раководството на ФФМ кое мора да се признае многу направи за фудбалот во Македонија последниве години. Јас знам дека успешноста на работата на едно раководство секогаш се гледа преку резултатите на А тимот, но тоа не е, и не може да биде секогаш така. Знам колкав напор прави ова раководство на ФФМ за развој на фудбалот, не само тука, но и во регионот. Јас не знам дали некаде на друго место во нашиот регион имало настан како што е тоа Суперкупот кој не чека во август оваа година во Скопје.Тоа е навистина заслуга на ФФМ, а јас може да кажам дека сум горд и на младата ваша репрезентација која направи вистинско чудо со пласманот на ЕП. Посакувам многу успех на младите репрезентативци во Полска, и посакувам ФФМ и во иднина да продолжи со овој начин на работа, и силна поддршка на младите категории како и досега“ – истакна Шукер во обраќањето до делегатите на Собранието на ФФМ.

На Собранието на ФФМ покрај Давор Шукер присутен е Зоран Лаковиќ, директорот за национални федерации при УЕФА.

Се вчитува...