„Шутерско шоу“ на Богдановиќ, нов пораз на шампионите

Изминатава ноќ во НБА лигата беше одбележана од новиот пораз на Голден стејт кој со 111-102 загуби од Детроит. Стеф Кари се врати во тимот на Вориорс, но деветтиот пораз во 24 натпревари актуелните шампиони не можеа да го избегнат.

Блејк Грифин постигна 26 поени во победата на Пистонс и дополни со шест скока и пет асистенции. Џонсон постигна 19 поени, Џексон дополни со 17 поени, а запазена улога имаше и Драмонд со 16 поени и 19 скока. Кај Голден Стејт, Дурант запиша 28 поени со седум асистенции и шест скока, Кари имаше 27 поени со пет скока а Клеј Томпсон дополни со 21 поен и осум скока.

Во пресметката на двајцата Богдановиќ, Сакраменто славеше против Индијана во драматичен меч со 111-110. Двајцата имаа „шутерско шоу“ но оние 27 поени на Бојан Богдановиќ не и помогнаа на Индијана. На спротивната страна, во победничкиот тим Богдан Богдановиќ беше најдобар со 20 постигнати поени.

Хјустон славеше против Чикаго со 121-105 предводен од Џејмс Харден со 30 поени, седум асистенции и шест скока. Клинт Капела имаше 18 поени и 15 скока. На спротивната страна Паркер имаше „дабл-дабл“ од 21 поен и 12 скока.

Во Кливленд, Торонто на крилјата на Каваи Леонард (34 поени и девет скока) славеше со 106-95. Тристан Томпсон се издвои кај домашните со 18 поени и 19 скока.

Во останатите мечеви Бостон славеше со 119-109 против Минесота, а Вашингтон со 102-88 на свој паркет го победи Бруклин.

Се вчитува...