Шведска, нов спаринг-партнер на одбојкарите

Македонските одбојкари продолжуваат со подготовките за историскиот прв настап на еден европски шампионат, па по двете контролни средби со Романија нашите репрезентативци денеска и в недела ќе одиграат пријателски натпревари со селекцијата на Шведска. Двете средби ќе се играат во СРЦ „Кале“ со почеток во 17.30 часот.

„Очекуваме поддршка на овој дуел на домашен терен, а ќе сториме се за да се оддолжиме и да стигнеме до триумф“ – порачуваат од македонскиот табор.

Тоа ќе биде уште една добра можност за селекторот Никола Матијашевиќ да ја провери формата на репрезентативците. Васе Михаилов поради стомачен вирус ги пропушти вчерашните тренинзи, а Марко Јуниор Стошиќ се уште ја санира повредата на стомачниот мускул.

По овој двомеч ќе следи дуел со Украина во полуфиналето од турнирот „Чајка“, а ден потоа ривал на македонските одбојкари ќе биде Белгија или Бугарија, во зависност од исходите на полуфиналните пресметки.

За 5 и 6 септември се закажани гостувања во Сент Полтен и две средби против репрезентацијата на Австрија, по што ќе следи и дебито на ЕП, на 12 септември во Љубљана против селекцијата на Финска.

Се вчитува...