Атлетико Мадрид е во подредена улога во пресрет на реванш осминафиналето против Манчестер Јунајтед во Лигата на шампионите. „Јорганџиите“ гостуваат во Англија со активен резултат (1-1) од првиот натпревар, а ако се верува на традицијата и претходните искуства, Атлетико ќе игра претпазливо на „Олд Трафорд“.
На средбата со медиумите своето мислење во пресрет на дуелот со Манчестер го изнесе Диего Симеоне.
„Го знаеме потенцијалот на Манчестер Јунајтед, како и големината на нашиот следен ривал. Тие се опасни на свој терен, ама ние веруваме дека можеме. Очекувам динамична игра, тимовите ќе се менуваат во пресинг, тоа често се случува на стадиони како „Олд Трафорд“. Наша предност се контра нападите при нивна најмала грешка. Сепак и тие знаат да играат брзо во транзиција, тоа можеби е и најголемо оружје на Јунајтед“, изјави Симеоне.
На првата средба Атлетико поведе рано преку Феликс, а израмнувањето дојде во завршницата преку Еланга. Возвратниот дуел во Манчестер е закажан за во вторник со почеток од 21:00 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА