Симиќ: Дербито не ги добива поквалитетниот туку оној кој повеќе ја сака победата, а ние не покажавме храброст

Работнички го претпе вториот пораз сезонава откако загуби убедливо на првото лигашко вечно дерби кое се одигра во Аеродром. Настана од воведните минути „црвено-белите“ не беа ни блиску до посакуваното ниво, поготово во првото полувреме во кое нападот реализираше со прескромни 25 отсто, без погоден обид за три поени, а одбраната прими 52 поени.

Незадоволството од прикажаното на вечното дерби не го криеше ниту тренерот Тони Симиќ кој вели дека без максимален пристап на овие натпревари не може ни да се надевате на победа.

„Реално МЗТ Скопје е поквалитетна екипа и можеби ваков натпревар беше очекуван, но настрана од резултатот она што ме загрижува е пристапот на играчите. Не е проблем ако не оди нападот, но пристапот во одбраната мора да биде секогаш максимален. Без храброст не се игра ваков натпревар. Имам доволно искуство на овие натпревари да знам дека вечното дерби не го решава квалитетот туку желбата за победа. Честитки за МЗТ“, изјави за ЕКИПА Тони Симиќ.

„Во секој случај продолжуваме понатаму со проектот. Настрана од овој натпревар не можам да бидам незадоволен. Имаме простор за напредок и во следниот период ќе работиме на тоа. Мора овие играчи пред се да ја сфатат тежината на клубот, да работат напорно и на крајот да испливаат на површината. Кажав и претходно, нас целата не ни е титула, целта ни е да го стабилизираме клубот и од младите играчи да направиме костур за следните сезони. За се треба да се има трпение, а со време ќе си дојде и резултатот“

По шест одиграни кола Работнички е на биланс од четири победи и два пораза. Шанса за рехабилитација центарци ќе ја имаат против Академија ФМП на домашен терен во следната рунда.

Се вчитува...