Симоновски феноменален – 42 поени за триумф над Шолнок

МЗТ Скопје продолжува со импресивните настапи во подготвителниот период, па по трите убедливи победи на контролните средби на домашен терен, „металците“ денеска го декласираа и унгарскиот прволигаш Шолнок (115-94) како дел од турнирот што се одржува во Романија.

Македонскиот шампион триумфот го обезбеди во вториот и третиот период, кои вкупно ги доби со 18 поени разлика (58-40). Последната четвртина беше само рутинско одработување на задачата, а тренерот Ѓорѓи Кочов дури имаше и можност да им даде шанса на помладите по достигнување на највисокото водство од плус 29 поени (105-76).

Марко Симоновски го одигра најдобриот натпревар во својата кариера постигнувајќи дури 12 тројки, за вкупно 42 поени. Американецот Џабари Хиндс средбата ја заврши со 21 поен и девет асистенции, додека Нуни Омот постигна 15 поени, а Андреј Маслинко 12 поени.

„Металците“ утре ќе ги одмерат силите со домаќинот Орадеа (18 часот) и тоа за победничкиот трофеј, откако овој тим вчера исто така беше подобар од унгарскиот претставник на турнирот.

Се вчитува...