Симоновски: МЗТ не бега од фаворитската улога, но нема да ни биде лесно

МЗТ Скопје влегува како фаворит во претстојниот завршен турнир од Купот на Македонија. „Металците“ се актуелни бранители на трофејот, но исто така и имаат „ростер“ што барем на хартија важи за најсилен, но на избраниците на Анте Назор предводени од капитенот Марко Симоновски им е јасно дека фаворитската улога ќе мора да биде потврдена и на теренот во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

МЗТ не бега од фаворитската улога, но исто така и знаеме дека нема да ни биде лесно на овој завршен турнир. Сите добро знаеме што значи купот, се игра во еден добиен натпревар со што шансите за изненадување се огромни. Токму поради тоа, мораме да бидеме внимателни бидејќи ни е јасно дека сите екипи ќе биде максимално мотивирани кога ќе играат против нас“ – истакнува Симоновски.

Извонредниот шутер во својата кариера има освоено еден куп-трофеј, со надеж дека вториот ќе го освои токму претстојниот викенд во Кавадарци.

Досега имам еден пехар, освоен како член на Работнички. Тогаш во финалето игравме со МЗТ Скопје, а сега како член и капитен на овој клуб ќе се обидам да стигнам до големиот трофеј“ – вели македонскиот репрезентативец.

„Металците“ утре во рамките од четвртфиналето ќе ги одмери силите со Кожув, тим што пред две години го шокираше МЗТ во полуфиналето од Купот на Македонија што се играше во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Го анализиравме Кожув во последните денови и добро ги запознавме силните и слабите страни на нашиот следен противник. Не би сакал да навлегувам во детали, но во секој случај се ќе зависи од нас самите. Доколку одиграме на посакуваното ниво, дисциплинирано во нападот и агресивно во нападот, сигурно ќе дојдеме до посакуваниот резултат. Претстојните три дена ќе бидат пеколни бидејќи за трофејот се неопходни три победи во рок од 72 часа, но оптимист сум дека ќе успееме да дојдеме до пехарот“ – изјави Марко Симоновски.

Се вчитува...