Симов: Не го разбирам ова плеј-аут БЕЗ ИСПАЃАЊЕ… Да, Силекс сака да игра, ама ако ни дозволат со 8 фудбалери

Силекс беше најголемото изненадување во сезоната во Првата македонска фудбалска лига, пред прекинот поради пандемијата од коронавирусот. Кратовци во моментов се наоѓаат на втората позиција на табелата, зад лидерот Вардар, многу блиску до излезе во Европа следната сезона.

По вчерашниот состанок на ФФМ со прволигашите се поизвесно е дека шампионатот ќе продолжи со плеј-оф и плеј-аут фаза, но без испаѓање. Тренерот на Силекс, Горан Симов вели дека неговиот тим сака сезоната да се заврши, но вели дека треба да има испаѓање за да може се да биде регуларно и да нема некои, како што вели тој „игри“ до крајот на првенството.

„Силекс не бега од ништо, но би било фер ако се доврши шампионатот да има испаѓање. Во спротивно, другото решение ми изгледа само како некои ‘игри’ во корист на одредени клубови. Во моментов имам само осум фудбалери и тројца голмани поради цела оваа ситуација. Осум интернационалци кои се од Србија до 15. јуни не можат да се вратат во Македонија. И, сега како во една таква ситуација? Да. Силекс сака да игра, ама ако ни дозволат да играме со осум фудбалери, ние тоа ќе го направиме. Ова не е само наш проблем. Со слични потешкотии се соочуваат и другите клубови кои имаат странци во своите редови“, вели Симов за ЕКИПА.

Тој смета дека од ФФМ треба да направат пропозиции како би изгледало се и да ги известат клубовите за тоа, а не само со информација дека фудбал ќе се игра.

„Мене како тренер здравјето на моите фудбалери ми е на прво место. Доколку сакаме да го вратиме фудбалот, мора да имаме барем три седмици за подготовка со целиот тим. Гарантирам дека некои клубови ако има испаѓање нема да прифатат да играат. Вака без испаѓање, бидејќи ништо не губат, сакаат да пробаат ако можат да фатат некое место за Европа. Сметам дека сево ова со плеј-оф и плеј-аут е направено за само неколку тима“, додава Симов.

Тренерот на „кратовци“ вели дека му е жал и за цела ситуација во Вардар, бидејќи скопскиот тим годинава заслужи да ја освои титулата и да игра во Лигата на шампионите, а некои тимови сакаат тој да не добие лиценца за да се отвори уште едно место за Европа.

„Навистина ми е жал за цела ситуација во Вардар. Со игрите годинава заслужија да бидат шампиони и да играат во Лигата на шампионите. На некои клубови тоа не им одговара и се надеваат дека Вардар нема да добие лиценца, за да може да се отвори уште едно место за Европа. Ние немаме пораз во последните 12 меча. Сигурен сум дека до крајот ќе освоиме уште девет бода и ќе играме во Европа. Тоа на некој не му одговара, бидејќи веројатно местата за Европа веќе се познати, затоа сакаат Вардар да не добие лиценца“, завршува Симов. 

Фудбалската федерација на Македонија до понеделник треба да донесе конечна одлука околу продолжување на домашниот шампионат.

Се вчитува...