Симов: Жал ми е за Вардар…, но квалификациите во ЛШ за нас ќе бидат круна на одличната сезона!

Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука Силекс да биде претставник на Македонија во квалификациите за Лигата на шампионите. Кратовци во моментот на прекин на ПМФЛ се наоѓаа на втората позиција на првенствената табела веднаш зад лидерот Вардар кој поради финансиски проблеми не доби лиценца за настап во европските натпреварувања. Токму поради тоа, Силекс го презема местото на Вардар во квалификациите за ЛШ. Шефот на стручниот штаб на Силекс, Горан Симов вели дека неговите фудбалери ќе дадат максимум достојно да го претстават македонскиот фудбал во Европа.

„Да бидам искрен Вардар заслужи да игра квалификации во Лига на шампиони, но за жал тоа нема да се случи. Второто место за нас беше одличен успех, кој ќе биде награден со учество во квалификациите во Лигата на шампионите. Иако ќе бидеме аутсајдери во квалификациите ние ќе дадеме максимум да не се посрамотиме и да го претставиме македонскиот фудбал во најдобро можно светло“, вели Симов. 

Нови имиња во клубот од Кратово се Пепи Ѓоргиев и Бојан Спирковски, а Дејан Тантуровски ќе тренира со екипата, но неговата иднина ќе се знае на 10. јули, бидејќи искусниот фудбалер разгледува понуди од странство.

„Мене ми е најважно дека го задржавме костурот на тимот. Со седум фудбалери ги обновивме договорите, а Ѓоргиев и Спирковски ги доведовме за да се засили конкуренцијата во екипата. Со Тантуровски уште ништо не е официјално. Тој ќе тренира со нас, но за неговата иднина ќе се знае официјално на 10. јули, бидејќи разгледува понуди од странство. Лично сум презадоволен од екипата и мислам дека момците кои што играа минатата сезона, заслужија одличните партии да ги крунисаат со квалификации во Лигата на шампионите“, заврши Симов. 

Поради пандемијата од коронавирусот УЕФА одлучи да се игра само еден натпревар во квалификациите од европските натпреварувња, освен во последната плеј-оф фаза пред влез во групите од сезоната 2020/2021.

Се вчитува...