Симовски чекор поблиску до четвртфиналето на ЦЕВ Купот

Јовица Симовски со својот клуб Ажаксио, синоќа го совлада лидерот во швајцарското првенство, Амрисвил со 3-1 во сетови. Со оваа победа, во осминафиналната нокаут фаза клубот од Корзика направи историски исчекор кон пласман во четвртфиналето на ЦЕВ Купот.

Македонскиот репрезентативен одбојкар повторно одигра на висина на задачата. Во моменти кога Амрисвил имаше минимално водство (6-4, 7-5) Симовски ги презеде работите во свои раце и поентира важни поени со кои неговиот клуб стигна до првото водство (11-7) во првиот сет кои лесно беа одржани до крајот за водство од 1-0 (25-22). Во слична атмосфера мина и вториот сет каде Швајцарците брзо стигнаа до водство од 1-4 кое го одржаа и до првиот технички тајмаут (6-8). Симовски двапати по ред поентира во поле и Ажаксио го имаше водството на вториот технички тајмаут. Вториот сет заврши со 26-24 за домаќините. Во третиот сет, гостите од Швајцарија покажаа заби на стартот и со агресивна и брза игра намалија на 2-1 (18-25). Малиот број на поени го предизвика домаќинот далеку поагресивно да го заврши четвртиот сет со 25-21 за финални 3-1.

Симовски, кој е и капитен на клубот запиша 18 поени зад своето име, со кои беше лидер во својот тим. Со една победа зад себе, на Симовски и Ажаксио ќе им биде многу полесен реванш-натпреварот, закажан за 15. февруари.

Се вчитува...