Синер: Сакам трофеј и на Ролан Гарос

Италијанскиот тенисер Јаник Синер стигна до третиот трофеј оваа сезона откако во финалето на Мајами Опен го прегази Бугаринот Григор Димитров со 6-3 и 6-1.

Со тоа ја обезбеди втората позицја на АТП ракингот, веднаш зад Новак Ѓоковиќ, нешто за што Италијанецот смета дека е неверојатен успех.

„За мене да сум број два е неверојатен успех. Никогаш не мислев дека ќе дојдам тука. Доаѓам од една обична фамилија. Моите родители се уште работат. Спортот е една работа, а животот друга. Многу сум задоволен со втората позиција, но и да освоиш титула е нешто специјално“, изјави Синер.

Италијанецот откри дека главната цел во продолжението од сезоната му е трофеј на Ролан Гарос, но претходно ќе биде фокусиран и на турнирите во Монте Карло и Рим.

„Сега главната цел ми е Ролан Гарос, но од четврток веќе ќе почнам со подготовките за Монте Карло кој ќе биде мој прв турнир на земјен терен. Немам многу време за адаптација па ќе видиме како ќе биде во Монако. Потоа следува и Рим кој за мене е многу специфичен. Секогаш е добро да играш пред своите навивачи“, додава Синер.

Се вчитува...