Синот на Петар Наумоски ќе игра за Италија?

Еден од најталентираните млади македонски кошаркари, Михаил Наумоски, доби покана наместо за нашиот национален тим во натамошниот дел од својата кариера да ги брани боите на Италија. Михаил, кој е син на прославениот македонски репрезентативец и поранешен претседател на МКФ, Петар Наумоски, веќе си обезбеди клупски трансфер на Апенинскиот полуостров, а Италијанците импресионирани од неговиот потенцијал веднаш му понудиле и пасош, за во иднина да ги брани боите на „аѕурите“.

Доказ за тоа е и фактот дека Наумоски се нашол на списокот на селекторот Грегор Фучка, за настап во подготовките за ЕП за играчи до 16 години, на кое учествува и македонската репрезентација.

Наумоски требало да се наметне кај селекторот во текот на подготовките, но не настапил на турнирот што требаше да биде „генералка“ пред европскиот шампионат, по што не се најде ниту на списокот за ЕП. Неофицијалните информации говорат дека станува збор за бирократски проблем, што италијанските кошаркарски „власти“ се оптимисти дека ќе биде решен, за македонскиот суперталент да го облече дресот на оваа репрезентација. Самиот факт дека тој е ставен на списокот на селекторот Фучка, објавен на официјалната веб-страница на Италијанската Кошаркарска Федерација, доволно говори за фактот дека не станува збор за обичен „флерт“, туку за сериозен обид да се осигура иднината на синот на Петар Наумоски во „аѕурниот“ дрес.

Само за потсетување, Михаил Наумоски беше повикан и од страна на македонскиот селектор Денис Дервишевиќ за настап на европското првенство што е во тек во Удине, но младиот кошаркар сепак не му се стави на располагање на нашиот стручен штаб.

Пред неколку години Наумоски беше поврзуван и со понуда за настап за репрезентацијата на Србија, но синот на претседателот на МКФ тогаш не го облече дресот на северниот сосед. Овојпат ситуацијата е поинаква, неговиот татко веќе не е на чело на федерацијата, а згора на тоа се уште е во конфликт со Перо Антиќ, од кого во меѓувреме беше сменет.

Едно е сигурно, доколку ова сценарио се оствари, Македонија ќе остане без огромен талент, чија помош во иднина би ни била добредојдена за враќање на мак-баскетот онаму каде што припаѓа, како редовен учесник на големите натпреварувања.

Се вчитува...