Истражните органи од Лос Анѓелес и Калифорнија полека го склопуваат комплетниот мозаик за кобниот лет на Коби Брајант во кој загина поранешната НБА ѕвезда, неговата 13-годишна ќерка Џана и уште седум лица во неговиот хеликоптер.
Според комплетната реконструкција на 39-минутниот лет, се верува дека хеликоптерот неочекувано, можеби и поради се уште непотврдени проблеми со моторот, паднал за цели 500 метри за само 15 секунди во обид пилотот да избегне облак над областа Калабасас.
Хеликоптерот полетал во 9:06 часот од областа Оранџ каунти, за да веќе во 9:20 часот биде принуден цели 15 минути да кружи над Зоолошката градина во Лос Анѓелес во очекување на ослободување на воздушниот простор за слетување на аеродромот „Џојн Вејн“.
Откако го продолжил летот кон аеродромот, пилотот Ара Зобајан добива инструкции од контролата да ја промени рутата, притоа и со поголема брзина за да ги избегне неповолните временски услови во тоа време над Лос Анѓелес. Но, по само четири минути очевидци сведочат дека хеликоптерот неочекувано се спуштил многу блиску до земјата. Истрагата потоа утврдува дека за само 15 секунди „пропаднал“ цели 500 метри по што неизбежен бил ударот со брзина од 300 километри на час во ридскиот дел од Калабасас, во планината над Малибу крик каде се срушил во 9:45 часот.
Во последната меѓусебна комуникација, според појавената аудио-снимка, контролата на летот го предупредила пилотот дека летаат многу ниско… Но, веќе било предоцна!
И покрај брзата интервенција на противпожарните единици од Малибу крик, едноставно потоа било невозможно да се помогне, поради експресниот огнен пламен кој го зафатил хеликоптерот по само неколку секунди од падот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА